Фудбал – Лига на шампиони

Една поинаква пресметка меѓу Реал и Атлетико!

23.05.2014 14:28

И двете екипи од вчера се во Лисабон. Превентивно, Карим Бензема го пропушти тренингот, но најверојатно ќе биде подготвен за 13-то елитно финале на „кралскиот клуб“. Најголема дилема на Карло Анчелоти е кој да го замени суспендираниот Чаби Алонсо...

Мадриското фудбалско лудило го зафати Лисабон. Шпанците проценуваат дека околу 120 илјади навивачи на Реал и на Атлетико се или до утре ќе дојдат во главниот град на Португалија без разлика што помалку од половина од нив имаат билети за утрешното финале од Лигата на шампионите.

И двете екипи од вчера се во Лисабон. Превентивно, Карим Бензема го пропушти тренингот, но најверојатно ќе биде подготвен за 13-то елитно финале на „кралскиот клуб“. Најголема дилема на Карло Анчелоти е кој да го замени суспендираниот Чаби Алонсо, дали Сами Кедира или Асиер Иљараменди. Поради повреда во конкуренција, не е Хесе. Во првото градско финале во историјата на Купот или Лигата на шампионите, Реал ќе влезе со богато минато од рекордни девет титули. Сепак, од последната освоена со генерацијата на Зинедин Зидан минаа 12 години, а на клупата на Реал се сменија 11 тренери.

Атлетико има само едно големо финале и тоа точно пред 40 години  кога во Брисел во повторениот дуел загуби од Баерн Минхен. Тогаш за црвено – белите играше легендата на овој клуб, неодамна починатиот Луис Арагонес, во чијшто споменм утре на дресовите на Атлетико ќе го пишува неговото име.

По освоената домашна титула на којашто чекаше 18 години, атмосферата во Атлетико е дополнително загреана поради тоа што вчера тренираа и Диего Коста и Арда Туран. Бразилецот со шпански пасош, Коста беше на специјален третман кај мистериозната белграѓанка Маријана Ковачевиќ, се чуствува многу подобро, но се уште не се знае дали ќе игра. Веројатно, во последен момент ќе биде решено дали ќе настапи и турскиот репрезентативец, Туран.

Ова нема да биде првпат двете мадриски екипи да се соочат на европска сцена. Во 1959-та година во полуфиналето на Лигата на шампионите, Реал беше поуспешен откако се одигра дури три меча. На „Сантијаго Бернабеу“ славеше Реал со 2:1, Атлетико дома беше подобар со 1:0, а во мајсторката во Сарагоса „кралскиот клуб“ уште еднаш триумфираше со 2:1.

Меѓусебната традиција во шпанското првенство и куп содржи 194 мечеви. Реал има 102 победи, Атлетико триумфираше 46 пати, додека исто толку мечеви завршиле нерешено. Вкупно, вклучувајќи ги сите натпреварувања, меѓу кои и натпреварите од Купот на шампионите,  регионалната лига и Лига купот на Шпанија, во 154 дуели билансот е Реал 143, Атлетико 64, реми 57.

Оваа сезона, во полуфиналето на Купот на Шпанија, Реал победуваше двапати, дома со 3:0 и на гости со 2:0. Во „Примера“ пак, Атлетико на „Сантијаго Бернабеу“ се радуваше со 1:0, додека на „Висенте Калдерон“ беше 2:2.

Саботното финале на „Луж“ е во 20.45, преносот на МРТ1 ќе стартува пет минути порано, а специјалната емисија посветена на финалето на Лигата на шампионите меѓу Реал и Атлетико ќе почне околу 20 часот.