Стенд-ап турнеја на актерот Бојан Велевски - „Све ли ја да мислам?!“
Велевски иако досега не беше многу присутен во медиумите, години наназад напорно работи со неговиот менаџер и настапува речиси во сите градови во Македонија. „Све ли ја да мислам?!“ ќе го има своето деби во Прилеп...
Велевски иако досега не беше многу присутен во медиумите, години наназад напорно работи со неговиот менаџер и настапува речиси во сите градови во Македонија. „Све ли ја да мислам?!“ ќе го има своето деби во Прилеп, на 13-ти септември, а големото финале ќе се случи на 18-ти ноември во Скопје, во Станица 26.
Текстописец на „Све ли ја да мислам?!“ е Божидар Божиновски, кој во контекст на инспирацијата во комичен манир истакна:
„Инспирација има насекаде околу нас, дури и во поголеми количини отколку што можат да се опфатат во час и нешто стенд-ап. Има за до пензија инспирација стендап да се пишуваат и после на децата да остане ко дуќанче. Со години чекам денови каде што ќе нема инспирација и ќе треба да се мисли на тапети или пердиња или со што и да се замараат оние што живеат во нормални општества. Опфатено е секојдневие, она што сме ние, она како сите ги гледаме другите и како другите нè гледаат нас, запознавање на природа и општество за повисоките одделенија“.
Велевски преку сатира, односно на специфичен, за него карактеристичен начин го означи почетокот на големата стенд-ап турнеја низ Македонија:
„Оваа турнеја ја правам пред сè за сцената. Како што тоа изминатиов период го направија ДНК, Некст Тајм и Дарио, време е и комичарите да почнат да прават големи работи, а не само настанчиња за 60-70 луѓе секој втора недела“, рече актерот, па додаде: „Затоа и ја барам поддршката од уметниците и општо сцената во Македонија. Да го свртиме вниманието кон стенд-ап сцената, која треба да е коректив во реално време на општеството“.
Долгогодишниот соработник на актерот и воедно негов менаџер Јане Јанев посочи дека целта на турнејата и мисијата на стенд-ап комедијата на Велевски е тоа Македонија да стане посреќно место за живеење.
„Бојан се потруди и промени доста од работите, почна безрезервно да помага на околината и на младите артисти, последниве 2 години ја обиколивме МК со карти достапни за сите и сето тоа само со една цел – Македонија да стане посреќно место за живеење, народот да биде насмеан, наместо гневен од општествените случувања. Поддршката за Бојан значи и поддршка за младите артисти, но и подавање рака на сите оние несреќници кои претходно пробале да затвораат врати“, искрен е Јане.
Точните датуми за градовите низ земјата, како и информации во однос на продажбата на картите можете да ги следите онлајн и на социјалните платформи на актерот Бојан Велевски.