Култура

„Раселени“, самостојна изложба на уметницата Тања Балаќ

05.09.2023 10:50

Изложбата претставува своевидно надополнување од 27 слики создадени во периодот 2020-2022, кои се всушност продолжение на циклусот започнат 2017 година од кој дел бил претставен на изложби во Скопје, Белград, Загреб …

Самостојна изложба со наслов „Раселени“ на уметницата Тања Балаќ ќе биде отворена денес во Музејот на Република Северна Македонија. Изложбата претставува своевидно надополнување од 27 слики создадени во периодот 2020-2022, кои се всушност продолжение на циклусот започнат 2017 година од кој дел бил претставен на изложби во Скопје, Белград, Загреб.

Изложбата ќе ја отвори историчарот на уметност и ликовен критичар, Кирил Пенушлиски.

Во „Раселени“ за прв пат во опусот на Балаќ се појавуваат човечки фигури. Се работи за луѓе и лица што не можат да се идентификуваат. Тие луѓе „патуваат“ низ нејзините слики, а некои од нив се и само тивки посматрачи на трагичната човечка судбина. Човечките фигурите во овие нови, сини, слики, се третирани различно од оние во претходните дела. Луѓето се апстрактно предадени, со сведени црти на лицата – назначени со неколку потези и скоро секогаш работени со бела боја што дополнително ги прави нереални. Меѓутоа, тие фигури сега изгледаат како да заминуваат од платната на Балаќ. Резигнирани, помирени со својата судбина, немите портрети повеќе ја немаат стоичката димензија на оние од постарите слики. Слично на ова, и пределите во позадините на сликите се разликуваат од оние во минатите платна. Балаќ во постарите дела ни ги прикажуваше пејзажите од каде започнал егзодусот на луѓето на нејзините слики. Наспроти тоа, сега ретко можеме да забележиме некаква опиплива референца за некој пејзаж, град или пак предел. Но, апстрактните партии околу човечките фигурите на платното само го засилуваат впечатокот за неприфаќањето и ксенофобијата со која тие луѓе, бегалци, се соочуваат. Тоа се луѓе без дом и луѓе без иднина, изгубени во еден недефиниран меѓупростор каде ќе ги проголта заборавот на општеството, вели Пенушлиски за делата од изложбата.

По затворање на поставката во Музејот на Република Северна Македонија, изложбата „Раселени“ ќе биде поставена во Стразбур во галеријата „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа, а ќе ја отвори амбасадорката Светлана Гелева.