Македонија

Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура и Скопје имаат капацитет да бидат Европска престолнина на културата во 2028 година

05.09.2023 13:23

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, оствари средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како подготовка пред заедничкото претставување на апликацијата „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“...

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, оствари средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како подготовка пред заедничкото претставување на апликацијата „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година“ што ќе се одржи во Европската комисија во Брисел.

Во седиштето на ЕУ во септември ќе се одржи панел-дискусија на која независни експерти назначени од институциите и телата на Европската Унија ќе ги оценуваат апликациите. Во потесниот круг за оваа престижна титула на натпреварот меѓу градовите на ЕФТА/ЕЕА се влезени Скопје и Будва.

За нас, апликацијата „Скопје – Европска престолнина на културата“ е од огромно значење бидејќи ќе донесе афирмација на македонската култура во сите нејзини сегменти, од културното наследство до современата архитектура и изведувачките уметности. Да се биде град кој една година ќе биде во фокусот на европската културна јавност, е престиж и привилегија кои ги поттикнуваат сите домашни ресурси за исполнување на условите – од организациски, просторен и од програмски аспект“,  рече министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска.

Со градоначалничката Арсовска беше разговарано за заедничките заложби што Градот и Министерството за култура ќе ги вложат во периодот пред панел-дискусијата во Брисел за потребата од истакнување на квалитетот и капацитетите што ги имаат Скопје и Северна Македонија за да бидат домаќини на европски уметници, за учеството на нашите експерти во евалуацијата на апликациите. Арсовска и Костадиновска-Стојчевска со оптимизам го најавуваат македонското претставување на панел-дискусијата во Брисел, потенцирајќи ја нашата органска поврзаност со европските вредности, а тоа се надеваме дека ќе биде потврдено преку позитивниот резултат од нашето кандидирање за „Европска престолнина на културата“.