Регион

Српската опозиција бара итни парламентарни избори

05.09.2023 14:28

По осумнаесет одржани протести „Србија против насилството“, поради неисполнување на барањата од протестите, проевропската опозицијата во Србија денес на прес-конференција во Собранието побара од властите одржување на итни вонредни парламентарни и белградски избори до крајот на оваа година...

По осумнаесет одржани протести „Србија против насилството“, поради неисполнување на барањата од протестите, проевропската опозицијата во Србија денес на прес-конференција во Собранието побара од властите одржување на итни вонредни парламентарни и белградски избори до крајот на оваа година. Тие најавија блокада на седниците на Собранието до добивање одговор од властите и најавија нов протест „Србија против насилството“ во петок до ТВ Пинк.

На барањата и блокадата на опозицијата се придружи и десницата и партијата Двери.

Опозицијата ја почна блокадата на седницата на која се расправаше за ребаланс на буџетот и избор на нов министер за економија, и додека говореше премиерката Ана Брнабиќ, држејќи транспаренти, упатувајќи свирежи и извици „крадци“.

И покрај блокада на опозицијата седницата заврши со расправа на дневниот ред, по што е најавено нејзино продолжување за утре.

„Дали успеавте да ја блокирате работата на Собранието? Не успеавте! Одиме понатаму, да живее Србија“, рече Брнабиќ на крајот од денешната седница.

Претходно претседателот на собранието Владимир Орлиќ на прес-конференција одговори на барањата на опозицијата дека „со ентузијазам ја прифаќа иницијативата за распишување вонредни парламентарни и белградски избори, дека за тоа барање ќе ги извести надлежните органи – Владата на Србија, претседателот и да ќе добијат одговор во најкраток можен рок, можеби за 30 дена“.

 

 

Оливер Бранковиќ