Укината е вонредната состојба во Србија

23.05.2014 14:46

Во Белград ситуацијата на Сава и Дунав е стабилна во очекување на пораст на водостојот во текот на денов...

Владата на Србија денеска донесе одлука за укинување на вонредната состојба на целата територија на земјата, јави Танјуг.
 
Одлуката е донесена на владина седница, на која по предлог на српскиот премиер Александар Вучиќ е решено да се подготви посебен извештај за мерките преземени за време на поплавите, кој ќе биде доставен до Собранието на Србија и презентиран пред граѓаните.
 
Претходно, претседателот на српскиот Црвен крст, Драган Радановиќ соопшти дека според најновите податоци, како исчезнати за време на поплавите на Србија се водат 73 лица.
 
Тој информираше дека досега се евакуирани околу 34.000 лица кои се сместени во 140 прифатни центри ширум земјата, како и кај свои роднини и пријатели.
 
Началникот на Секторот за вонредни состојби при српското Министерство за внатрешни работи, Предраг Мариќ соопшти дека состојбата со поплавите во Србија во моментот е стабилна, но дека и во следните четири дена ќе продолжи следењето на ситуацијата со нивото на водостојот во реките.
 
Во Белград ситуацијата на Сава и Дунав е стабилна во очекување на пораст на водостојот во текот на денов. На Дунав состојбата е под целосна контрола. Водостојот кај Бездан е под границата на редовната одбрана, а во Унгарија е во натамошен пад.