Петровска се обрати на Форумот за културна дипломатија
Во своето обраќање, министерката Петровска се осврна на моменталната безбедносна состојба во Европа која е нарушена со бруталната руска агресија врз Украина и позицијата и искуството на Северна Македонија во градењето на функционална, стабилна и мултиетничка демократија која практицира европски вредности.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Скопје се обрати на панел-дискусијата на тема „Промовирање на демократијата, единство и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“, како дел од Форумот за културна дипломатија.
Во своето обраќање, министерката Петровска се осврна на моменталната безбедносна состојба во Европа која е нарушена со бруталната руска агресија врз Украина и позицијата и искуството на Северна Македонија во градењето на функционална, стабилна и мултиетничка демократија која практицира европски вредности.
„Предизвиците кои се пред нас, дали тоа е вооружен конфликт, хуманитарни кризи или природни непогоди се комплексни и застрашувачки, а одговорот на овие предизвици е реафирмирањето на нашата заложба да бидеме единствени и да работиме заедно“, рече министерката.
Петровска додаде дека како земја-членка на НАТО, но и водејќи се од сопствените одлуки и заложби, Северна Македонија е посветена на колективната безбедност на Алијансата, како и на поддршката на Украина како европска демократија која има полно право да ја одбрани својата независност и сувереност.
„Алијансата е посилна и пообединета од кога било досега во зацврстувањето на колективната безбедност, како гаранција за сигурноста на НАТО и граѓаните на земјите-членки“, подвлече министерката.
Во контекст на културната дипломатија, министерката Петровска истакна дека таа ги надминува политичките бариери и дека ни овозможува да се обединиме како човештво. Петровска се осврна на историјата и научените лекции во 32-годишната независност на нашата држава – осамостојувањето на мирен начин, потпишувањето на Охридскиот и Преспанскиот договор за креирање на мултиетничка демократија и за продолжување на патот кон интеграцијата во НАТО, како и на потребата за превземање на следниот чекор кој ќе го отвори патот кон продолжување на интеграцијата во Европската Унија.
