Силна бура го погоди Балканот
Силна бура ги погоди Грција, Турција и Бугарија. Невремето предизвика поројни поплави, однесе најмалку пет човечки животи. Во Грција најкритично во градот Волос и на островот Скијатос. Во Бугарија, по должина на јужниот брег на Црно Море...

Жртви во поплавите во регионот. Во Истанбул загинаа две лица. Неколкумина се исчезнати во провинцијата Киркларели во близина на границата со Бугарија. Спасувачките екипи мораа да интервенираат и во библиотека каде што беа заглавени десетици лица. Подземната железница не функционира. Во северозападна Турција настрадаа двајца туристи во камп.
„Поројните дождови пристигнаа на границите на Истанбул и си ја покажаа силата во северните делови од Арнавуткој, Басаксехир и Ејупсултан. Во речиси три часа наврнаа 130 литри вода на квадратен метар“, изјави градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу.
Жртви и во соседна Грција. Силно невреме го зафати островот Скијатос каде што повеќето улици беа поплавени. Поради поројните дождови, властите издадоа забрана за сообраќај. Противпожарните екипи пронашле една жртва во градот Волос. Мажот настрадал откако врз него паднал ѕид кој бил урнат и однесен од водата. Грција претходно се справуваше со пожари во кои загинаа дваесетина лица и беше уништена голема површина со земјоделско земјиште.
„Водата влезе во објектот, нивото беше околу половина метар“.
„Сега не се гледа. Претходно имавме вода до колената“.
Критично и во Бугарија. На црноморското крајбрежје беа измерени бранови со височина до два метра. Поплавени се многу куќи и улици. Во невремето има и жртви. Две лица настрадаа во Царево каде што е прогласена вонредна состојба, а неколкумина се водат како исчезнати. Излевањето на реките оштети мостови и сообраќајни делници.
„Имаме непотврдени информации дека три лица се исчезнати. За жал, тоа се фактите, да се надеваме дека не се точни“, изјави Ѓорѓи Лапчев, градоначалник на Царево.
„Водата дојде одеднаш. Се урнаа мостови, се прекинаа каналите. Почнаа да надоаѓаат возила од секаде, се судруваа. Се обидовме да помогнеме, но не можевме да направиме ништо. Сè се одвиваше многу брзо. Имаше премногу вода“.
„Еден човек доаѓаше кон нас, му викнавме да застане зашто не можеше да помине на другата страна. Добивме надеж дека не сме сами“.
Метеоролошката агенција веќе издаде портокалово предупредување за Бургас на црноморското крајбрежје. Властите ги советуваа граѓаните да не пијат вода од чешмите поради опасност од контаминација на водоводите.
Маја С. Филдишев
