Бугарската дијаспора во офанзива против резолуцијата на ОМД
Обединетата македонска дијаспора иницираше, републиканскиот сенатор Мајк Браун од Индијана предложи резолуција септември да биде „Mесец на македонско-американско наследство“, да се слават македонскиот јазик, историјата и културата на македонските Aмериканци и нивниот придонес за САД. Бугарската дијаспора во офанзива против усвојувањето на резолуцијата. Од ОМД бараат и македонската дипломатија да се вклучи во одбрана на македонските интереси...

По иницијатива на ОМД републиканскиот сенатор Мајк Браун од Индијана пред Сенатот предложи резолуција за прогласување на месец септември за „Месец на македонско-американско наследство“, за чествување на македонскиот јазик, историја и културата на македонските Американци и нивниот придонес за САД. Бугарската дијаспора во САД во офанзива против усвојување на резолуцијата со писмо до Американскиот конгрес бара да биде отфрлена поради неточности од минатото тврдејќи дека во 19-ти и 20-ти век и денес, името Македонци не е со етнографско, туку со географско значење. Дописот нема да влијае врз резолуцијата , велат нашинците во ОМД.
Во пресрет на одбележувањето на Денот на македонската независност, и гувернерката на Американската сојузна држава Мичиген, Гречен Витмер веќе го прогласи септември за „Месец на македонско-американско наследство“.
Од ОМД, бараат и македонската дипломатија да се вклучи во одбрана на Македонците во Америка поради негирањето на нашето постоење за што веќе се изјасни Марија Габриел, шефицата на бугарската дипломатија.
Министерот Османи смета дека резолуцијата е промовирање на нашата дипломатија којашто е активна на сите полиња за да се промовира македонската култура, како и билатералните односи со државите во светот.
Ирина Гелевска
