Тетово

Петровска на конференцијата за родова еднаквост и перспектива на ОБСЕ

06.09.2023 13:18

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во Тетово се обрати на првата работна сесија во рамките на конференцијата организирана од македонското претседавање со ОБСЕ посветена на „Родовата еднаквост и еманципација на жените“, на која се осврна на унапредувањето на вклученоста и лидерството на жените во градењето на мирот и менаџирањето на конфликтите...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово во Тетово се обрати на првата работна сесија во рамките на конференцијата организирана од македонското претседавање со ОБСЕ посветена на „Родовата еднаквост и еманципација на жените“, на која се осврна на унапредувањето на вклученоста и лидерството на жените во градењето на мирот и менаџирањето на конфликтите.

Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ООН побарува вклучување на жените во сите области на градење на мирот и превенција на конфликти, укажа министерката и порача дека без придонесот на жените не е можен одржлив мир и безбедност. Министерката порача дека клучната карактеристика на жените – лидери е нивната храброст и додаде дека тоа е нешто што можеме да го видиме секој ден преку храбрата борба на украинските жени, цивили и во униформа, за слободата на нивната земја и безбедноста на украинскиот народ.

Петровска подвлече дека не смееме да дозволиме жени – професионалци во своите области кои работат неуморно и посветено да останат незабележани и дека мораме да работиме посветено за женското лидерство да биде составен и неразделен дел од современата безбедносна архитектура. Во однос на местото и улогата на жените во Северна Македонија, министерката Петровска посочи дека и претставува чест што води едно од покомплексните министерства – одбраната и дека тоа треба да биде уште една гласна порака за сите млади жени да веруваат во себе и да изберат да бидат дел од одбранбениот сектор зашто жените навистина можат да направат разлика.

Министерка додаде дека во Министерството континуирано се работи на развој на културата за родова еднаквост и родова перспектива и порача дека резултатите се видливи – на последниот конкурс за прием на питомци на Воената академија од 35 примени питомци, 14 се жени. Порача дека Министерството е посветено на соработката со невладиниот сектор на ова поле.

Целта на првата работна сесија насловена „Жени, мир и безбедност: зацврстување на вклученоста и лидерството на жените за инклузивно градење на мирот и менаџирање на конфликти“ е преку размена на искуства на жени – лидери и жени кои се дел од академската заедница да се укаже на важноста и начините за надминување на бариерите во вклучувањето на женската перспектива во превенцијата на конфликтите, кризниот менаџмент и активностите за окончување на конфликти.