Роднини на лицата кои се лекуваат на Клиниката за онкологија сведочат за искуствата и бараат одговори
Роднини на лицата што се лекуваат на Клиниката за онкологија, во паника. Со емоции сведочат за искуствата и бараат одговори. Меџити на состанок со стручниот колегиум на Онкологија-терапијата е соодветна, нема злоупотреби со лековите. Јавното обвинителство сè уште ја чешла документацијата за работата на Клиниката...

Местото на надежта е Клиниката за онкологија, тука пациентите ја добиваат терапијата која отвори многу прашања во јавноста. И покрај скандалот со цитостатиците, пациенти оперирани од карцином, за прв пат дојдоа на хемотерапија, други веќе ја примале. Сите се надеваат дека била вистинската.
„Јас сум оперирана пред два месеци и знам дека треба терапија да примам, но не знам што да мислам. Дојдов, ама со страв дојдов, па што ќе биде ќе видиме“, вели Мирјана Лазова, пациентка.
„Според нуспојавите што ги имав, се надевам дека примав добра хемотерапија, но со сегашните случувања малку сме и скептични дека нештото може не сме го примале доволно, може имало нешто, не било доволно“, изјави Благица Ефтимовска, пациентка.
Пред пет месеци Иванка ја загубила сестрата од подмолната болест. Раскажува дека последните две години откако ќе ја примела терапијата воопшто немала реакции, се сомнева дека нејзината сестра е една од жртвите на оваа афера.
„Приметивме дека кога ги примаше терапиите ги немаше реакциите од претходните години. Немаше лошење, повраќање, како ништо да не примала, дури и таа чудеше. Се жалеше зошто немам никакви реакции јас од хемотерапијата овој пат. Што ми ставаат таму на мене“, изјави Иванка Пулзарева, пациентка.
Случајот со Онкологија дополнително го отежна тешкото секојдневие на пациентите.
По скандалот со кражбата на лекови на Клиниката за онкологија кои подоцна се препродавале на црниот пазар, болните стравуваат за своите животи. Се прашуваат дали ќе ја добијат вистинската терапија. Единствено што им останува е надежта.
Терапијата е соодветна и нема злоупотреби со лековите, Меџити на состанок со онколошкиот колегиум. Се води електронска евиденција за контрола на секој лек кој влегува на клиниката. Постои „картица на артикл“ со податоци за пациентот, прегледите и за количината на примениот лек. Министерот се сретна и со пациентите, укажувајќи им дека не треба да се сомневаат во квалитетот на терапијата.
Од Обвинителство велат дека интензивно се преземаат дејствија, се вршат распити на лица и се анализираат прибраните материјални докази. Бидејќи е предистражна постапката, Обвинителството не споделува конкретни детали.
Андријана Ѓурческа
