Против Летонците со желба за реванш за поразот во Полска
Најдобрите македонски одбојкари вечер го почнуваат настапот на вториот квалификациски турнир за пласман на Европското Првенство во 2015.

По минатонеделните три порази на трите средби во полски Вроцлав, нашиот национален состав викендов го очекуваат уште толку натпревари во Словенија.
Прв противник на македонија на турнирот во Љубљана вечер од 20 часот е селекцијата на Летонија. Нашата репрезентација во неделата загуби со 3-1 во сетови од Летонците, на коишто тоа им беше единствена победа. Во конкуренција уште и на Словенија и на Полска, со коишто ќе игра утре и задутре, Македонија се уште барем теоретски има шанси да го достигне второто место во групата „А“ коешто ќе носи во баражот.
Последниот квалификациски филтер пред евросамитот којшто в година ќе се одржи во Италија и во Бугарија, во моментов сепак е далеку за нашите одбојкари. Во одмерувањата со квалитетните ривали тие ќе имаат силна подготовка пред дебитантскиот настап во Европската Лига наредниот месец.
