МОН ќе добие тужба поради недостиг на учебници во основното образование
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со тужба до Министерството за образование поради недостигот на 43 учебници за основците. До народниот правобранител нема стигнато поплаки од граѓани кои се засегнати со проблемот. Изработката на учебниците според важечката наставна програма се почнати навреме, велат од МОН...

Почна новата учебна година. Училиштата ги отворија вратите за учениците, но дел од учениците и оваа година останаа без учебници. Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најавија тужба до Министерството за образование и наука поради како што велат недостиг на 34% од учебниците за основното образование.
Родителка во име на нејзиното малолетно дете поднела претставка до комисијата изразувајќи револт заради недостиг на учебник за 5-то одделение по македонски јазик, за минатата година. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација комисијата постапува по претставки и овој предмет е базиран врз работа токму на оваа претставка по која утврдиле дека недостигот на учебници е од многу поголеми размери. По препораката од комисијата министерството да обезбеди учебници за секој ученик комисијата велат дека од 126 потребни учебници недостигаат 43, но има и дискриминација по основ на користењето на јазикот.
Од Народниот правобранител велат дека кај нив нема сè уште стигнато поплаки од граѓани кои се засегнати со овој проблем. Третоодделенците и шестоодделенците немаат воопшто учебници и учат од помошни материјали. Дел од учениците учат и од учебници од кои недостигаат страници, вели директорот на училиштето Рајко Жинзифов во Драчево.
Од Министерството за образование и наука реагираат на наводите на комисијата, оттаму одговорија дека активностите за изработка на учебниците согласно со важечката наставна програма се почнати навреме. Нивната изработка е сложен процес, велат од министерството.
Ана Јосифоска Тодоровска
