Македонија

Уставниот суд ја отфрли иницијативата за спомен-обележјето на Косово во Струга

06.09.2023 17:12

Уставниот суд ја отфрли претставката, поднесена од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Струга, во однос на поставувањето на споменик на Косово на кејот на реката Црн Дрим. Судот зазема став дека во овој случај не станува збор за пропис кој подлежи на уставно-судска оцена, поради што се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата, информираат од Уставниот суд. Опозицијата и натаму тврди дека одлуката е незаконска.

Уставниот суд ја отфрли претставката за оценка на уставноста на одлуката за поставување на спомен обележје на Косово на кејот на реката Црн Дрим во центарот на Струга. На денешната седница, Судот зазема став дека во овој случај не станува збор за пропис кој подлежи на уставно-судска оцена, поради што ја отфрли иницијативата поднесена од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Судот зазема став дека во овој случај не станува збор за пропис кој подлежи на уставно-судска оцена, поради што се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата. Во овој предмет одлучувачки е што Уставниот суд за вакви прашања веќе има воспоставено долгогодишната практика и го зазема истиот став кој во континуитет се почитува од 1999 година, па досега“, стои во соопштението на Уставниот суд.

Опозицијата и натаму тврди дека одлуката на Советот за поставување на спомен обележјето е донесена спротивно на важечките урбанистички планови на општината, но и спротивно на законот за меморијални спомен обележја.

„Советот на општина Струга воопшто нема донесено програма ниту пак именувано одбор за поставување на спомен обележје. Како што гледате и самото спомен обележје и самиот споменик постои само симбол на од Косово, никаде не постои симбол од општина Струга, ниту од Македонија“, вели Ален Деребан координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Мнозинството во струшкиот совет одлуката за поставување на спомен обележје ја донесе во октомври лани. Од општината велат, спомен плочата е додадена вредност за мултикултурна Струга.

Изградбата на споменикот на Косово во Струга започна на почетокот на годинава уште тогаш опозицијата реагираше дека се гради нелегално без техничка документација и проект.

Соња Рилковска