Пратениците расправаат за измените на Кривичниот законик
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, оцени дека овој закон е олицетворение на хипокризијата на власта. Забележа дека на Парламентот му е приоритет да зборува за Кривичниот законик, наместо за она што се случува на Онкологија.

Со расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, во второ и трето читање, попладнево продолжи 125-тата собраниска седница.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, оцени дека овој закон е олицетворение на хипокризијата на власта. Забележа дека на Парламентот му е приоритет да зборува за Кривичниот законик, наместо за она што се случува на Онкологија.
Замислете, тие што имаат можност да ги управуваат институциите, поднесуваат зкаон кој комплетно ќе го урниса системот во државата. Со овој закон се јасни две работи - несоборливата вистина дека ќе одите во опозиција и од правдата нема да избегате, обвини Стојановски. За Гордана Силјановска- Давкова, пак, е нејасно како може Кривичен законик да се смени за неколку часа.
Со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови за кој беше предвидена казна од најмалку 5 години затвор, максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот. Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување.
