Костадиновска-Стојчевска: ЕУ ги чува и ги штити културите на земјите членки
Таа додаде дека сите дезинформации што се пласираат од почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, дека ќе ги загубиме идентитетот, македонскиот јазик, нашите културни обележја, доаѓаат од структури на кои не им е до реформи и не сакаат позитивна трансформација на македонското општество.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска учествуваше на јавната трибина „ЕУ за македонското културно богатство“, на која рече дека културата е таа што ги поврзува 27-те држави членки на ЕУ, кои сите меѓу себе се различни, и дека ниедна држава не го загубила идентитетот со тоа што станала членка на ЕУ.
Ниедна држава не го загубила идентитетот со тоа што станала членка на ЕУ. Нема ни ние. Нема ништо да загубиме, остануваме Македонци, кои говорат македонски јазик, кои имаат свои културни обележја, бидејќи за културата не се преговара во пристапните преговори. Европската култура се дефинира како збир на национални култури и таа не се усогласува со законодавство на ЕУ – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека сите дезинформации што се пласираат од почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, дека ќе ги загубиме идентитетот, македонскиот јазик, нашите културни обележја, доаѓаат од структури на кои не им е до реформи и не сакаат позитивна трансформација на македонското општество.
Таа пред битолчани спомна и конкретни примери како Европската Унија го заштитува македонското културно богатство преку ИПА-програмата, потенцирајќи дека филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ е првиот македонски филмски фестивал кој бил поддржан од програмата на ЕУ за култура, „Креативна Европа“.
Министерката за култура во својот говор нагласи дека со ЕУ споделуваме исти вредности во однос на културата и уметноста и затоа работиме заедно во градењето инклузивно општество каде што сечие уникатно културно наследство се почитува и негува, а македонската култура, како што рече таа, е „европска и е додадена вредност на богатството и културната разновидност на заедничкото европско наследство“.
