Битола

Во Битола 900 дечиња на листа на чекање за упис во градинка

07.09.2023 11:42

Додека училиштата се празнат, листите на чекање за упис во градинка континуирано се полнат. Од година во година бројот постојано се зголемува, моментално околу 900 дечиња чекаат за упис во државните детски градинки. Од Општината велат-се работи на изградба на две нови градинки и адаптација на домот за доенчиња, со што оваа бројка на чекање ќе се намали за околу 500 места …

На стартот на школската година додека училиштата се соочуваат со намалување на бројот на првачиња. Граѓаните на Битола се соочуваат со недостиг на капацитети за згрижување на деца од предучилишна возраст.

„Имам внук бараме веќе 8 месеци, ќерка ми работи, зетот работи, нема нигде место и го чуваме ние пензионерите, не знам кај се имаме покушано, нема место“.

„Вистина нема место и треба да се направат“.

Во моментот се работи на три објекти, со што дополнително ќе се зголеми капацитетот во градинките, за околу 500 места.

Локалната самоуправа со напори, да го намали бројот на дечиња кои чекаат за упис во државните градинки во Битола. Околу 900-тини деца моментално се на листа на чекање, изјави градоначалникот Коњановски, што е навистина загрижувачка бројка.

Директорката на градинката „Мајски цвет“ вели дека работат со максимално исполнет капацитет, имаат згрижено 815, а на листа на чекање се 342 дечиња. Во нивна надлежност ќе бидат и две од трите нови градинки, кои се очекува да започнат со работа на почетокот на следната година

„Во тек е исто така изградба на нова детска градинка во населбата Димче Лахчански од страна на Министерството за труд и социјална политика. Во таа градинка ќе бидат згрижени околу 150 деца“, изјави Кристина Ламјановска, директор на ЈОУДГ „Мајски цвет“.

Грижата за најмладите е приоритет на општина Битола, која континуирано работи на подобрување на условите и зголемување на капацитетите-вели градоначалникот Коњановски.

„Другиот објект е адаптација на просторот во домот на доенчиња некогашен, простор на некој 450 квадрати, каде ќе можат нови 60-70дечиња да се опслужат“, изјави Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.

Надминати се проблемите со изградбата на детска градинка во старата касарна, и градежните активности се во тек, со што ќе се отворат нови 246 места.

Во Битола функционираат две централни градинки со своите клонови, во кои моментално се згрижени 1.635 деца.

 

Александра Максимовска