Македонија

Пендаровски да го искористи правото на вето, побара Платформата на граѓански организации за борба против корупција

07.09.2023 12:05

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска побара од претседателот на државата, Стево Пендаровски, да го искористи уставно загарантираното право на вето и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера, на 6 септември 2023 ги усвои Собраниетo...

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска побара од претседателот на државата, Стево Пендаровски, да го искористи уставно загарантираното право на вето и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера, на 6 септември 2023 ги усвои Собранието.

Платформата нагласува дека има две причини зошто Пендаровски има должност да го искористи ветото.

„Првата причина е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со:

Застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил.

Ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција

Ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда.

Втората причина е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи.

Претставниците на граѓанските организации членки на Платформата, доставија и официјално писмено барање до претседателот Пендаровски“, наведуваат од Платформата на граѓански организации.