Македонија

Градоначалникот Стефковски: Никој не е над законот, а ние тука нема да застанеме

07.09.2023 12:57

Општина Гази Баба со асистенција на Министерството за внатрешни работи, изврши уривање на бесправно изграден деловен објект во населеното место Инџиково. И покрај изречената мерка за затворање на градилиштето во август годинава, сопственикот на дивоградбата продолжил со градба. Градоначалникот Бобан Стефковски со јасна порака – никој не е над законот и нема да дозволиме урбаната мафија да дивее низ нашата општина...

Нема да дозволам урбаната мафија да дивее низ нашата општина, предупреди градоначалникот на скопска Гази Баба, Бобан Стефковски. Од уривањето на дивоградбата во населеното место Инџиково, тој порача – никој не е над законот, а ние тука нема да застанеме.

Градоначалникот Стефковски апелира до граѓаните – да е почитуваат законите, за да немаме вакви непријатни ситуации.

За разлика од овој бесправно подигнат објект во Гази Баба, двете дивоградби во Општина центар, на пластичарска улица, сè уште се на цврсти темели. Едната од нив, чиј сопственик е непознат сторител, датира од 2016-та година. Оттогаш неколку пати е уриван, но повторно обновувана. Во рамките на мандатот на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски пак, издадени се две решенија за уривање, но ниту едно не е реализирано. За првото не била обезбедена полициска асистенција од министерството за внатрешни работи поради тогашните дојави за бомби и немање доволно полициски службеници, а второто решение е стопирано од државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

За случувањата со двете дивоградби на пластичарска улица, општина центар доставила и известување до Основното јавно обвинителство. Каква одлука ќе донесе судот, останува отворено прашање.

 

 

Марија Котовска