Брисел

Новиот извештај на ГРЕВИО ги поздравува законите за ставање крај на насилството врз жените во земјава

07.09.2023 13:47

Според оценката на Експертската група на Советот на Европа за борба против насилството врз жените и семејното насилство, Македонија е посветена во борба против насилството врз жените преку усвојување на законодавството во оваа област. Како и во многу други експертски извештаи од Советот на Европа, и ГРЕВИО забележува дека законите во оваа област не се спроведуваат доследно во пракса...

Македонија, според оценката на Експертската група на Советот на Европа за борба против насилството врз жените и семејното насилство, ГРЕВИО, е посветена во борба против насилството врз жените преку усвојување на законодавството во оваа област, вклучувајќи го и Законот за спречување на насилството врз жените и семејното насилство и заштита од овие појави. Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја проширија дефиницијата за силување и сексуално насилство за да ги вклучи сите дела извршени без согласност на жртвата и го криминализираа вознемирувањето (сексуално или друго) и осакатувањето на женските гениталии, во согласност со Истанбулската конвенција.

Извештајот на Советот на Европа го поздравува создавањето на националното координативно тело кое го вклучува граѓанското општество, како и развојот на упатства и прирачници кои промовираат воспоставување родово чувствителни услуги за поддршка на жртвите на насилство врз жените.

Како и во многу други експертски извештаи од Советот на Европа, и ГРЕВИО забележува дека законите во оваа област не се спроведуваат доследно во пракса. Експертите констатираат дека традиционалните верувања, дека семејното насилство е приватна работа и дека жените треба да се држат во подредена положба на мажите, го продолжуваат насилството врз жените. Дополнително, фактот дека сексуалното насилство останува табу и недоволниот број центри за поддршка на жртвите на силување, значи дека овие прекршоци многу ретко се пријавуваат. Недостигот од специјализирани услуги за поддршка, недостатокот на места за засолниште и неможноста да се искористат придобивките од наредбите за забрана за итни случаи, оставаат многу жртви без заштита.

 

Тони Гламчевски