Блупринт групата бара од Пендаровски да не ги потпишува изгласаните измени на Кривичниот законик
Од Блупринт групата потенцираат дека извртувањето и злоупотребата на правото и правниот систем заради остварување на било какви краткорочни политички цели е секогаш лош пристап кој ќе има несогледливи последици врз општеството.
Блупринт групата за реформи во правосудството бара од претседателот Стево Пендаровски да го искористи уставното овластување и да не го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Сметаме и убедени сме дека постапката во која беа донесени овие измени и особено нивната содржина во однос на горенаведените кривични дела се во целосна спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и целосно го поткопува. Нивната примена во практиката, во случај на нивно стапување во сила, ќе предизвика несогледливи и непоправливи последици во однос на борбата против организираниот криминал и корупција и продолжување со хроничната неказнивост на високите функционери, велат од Блупринт групата.
Од Блупринт групата потенцираат дека извртувањето и злоупотребата на правото и правниот систем заради остварување на било какви краткорочни политички цели е секогаш лош пристап кој ќе има несогледливи последици врз општеството.
Полагаме надеж дека ќе ги ефектуирате вашите изјави и залагања за неопходноста на искоренување и прекинување на културата на неказнивост на високи функционери, како и практично оспособување за справување со тешки облици на организиран криминал и корупција. Бараме од вас, како претседател на Републиката да застанете зад владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и да одбиете да го потпишете указот за прогласување на овој закон, стои во барањето на Блупринт групата до Пендаровски.
