Свечена академија по повод Денот на независноста

Ковачевски: Да ја искористиме неповторливата шанса за интеграција во ЕУ

07.09.2023 20:57

32 години независност-државниот врв на Свечена академија во Филхармонија. Ковачевски со порака – да се обединиме околу стратегиската цел на земјата-членството во Европската унија…

Државата се наоѓа во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на Европа, ние сме ѝ потребни на ЕУ и на демократската заедница, како што ни се тие потребни нам – рече премиерот Ковачевски во говорот на свечената академија по повод 8 Септември. Тој испрати порака за обединување околу стратегиската цел на државата, членството во ЕУ и наведе дека денешната генерација има обврска да одговори на повикот кој од нас бара континуитет на вековно поставената идеја за прогрес.

Зборувајќи за историските прилики, професорот Литовски истакна дека и покрај многубројните политички и економски предизвици со кои се соочи земјата, референдумот од ’91 година е врвно достигнување во етаблирањето на меѓународниот статус на републиката.

Професорката Пановска – Димкова истакна дека македонскиот јазик е столб на идентитетот и тој не се родил во ’44-тата, туку неговите корени допираат во 10 и 11 век.

Овогодишното чествување на Денот на независноста се одбележува под мотото „Гласник на слободата“. На свеченоста освен претставници на Владата имаше и гости од академската заедница, стопанственици и дипломати.

Анита Димитријевска – Велковска