Ден на независноста- 32 години самостојна и суверена држава
Со повеќе активности денеска се одбележува Денот на независноста. Најавена е бесплатна посета на музејски и галериски поставки во ликовните салони и археолошки локалитети низ целата држава, тактичко показни вежби и изложба на единиците на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, спортски активности...
Под мотото „Гласник на слободата“ денеска со повеќе активности, во организација на Владата, се одбележува Денот на независноста на Република Северна Македонија – 8 Септември.
Најавена е бесплатна посета на музејски и галериски поставки во ликовните салони и археолошки локалитети низ целата држава, тактичко показни вежби и изложба на единиците на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, спортски активности во соработка со Агенцијата за млади и спорт, културно-уметнички програми.
Активностите стартуваа синоќа во Скопје со свечена академија на тема „32 години независност“.
Пред 32 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Низ 32-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии.
Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за македонската држава.
Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ. На 27 март 2020 година Северна Македонија стана 30 членка на НАТО. Како земја кандидат за членство во ЕУ веќе 18 години, со добиена прва препорака за почеток на преговори во 2009 година, државава сега се соочува со блокада од Бугарија.
Почна процесот за промена на Уставот, што е услов Бугарија да го тргне ветото за продолжување на преговарачкиот процес со Унијата. За да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ Софија бара Бугарите да бидат вклучени во Уставот.
