Акција „МРЕЖА“ – запленети 9 килограми марихуана
Криминална група од скопско Грчец падна во полициската „МРЕЖА“.

Приведени се 4 лица, а запленети се 9 килограми марихуана. Била донесена од Албанија, дел требало да се продаде овде, а дел надвор од границите. Подолго време полицијата ја следела оваа поголема криминална група која дејстувала во Глумово и Грчец. Неколкумина членови се приведени, а против другите кои засега не се достапни за органите на прогонот, ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и трговија со дрога.
Во акцијата првин бил уапсен ресенчанец. Го запреле со неговото товарно возило кај Кванташки пазар. Кај него пронашле хашиш и едно пакување марихуана.
„Токму оваа марихуана лицето ја набавило од криминалната група која беше предмет на обработка од скопските села Глумово и Грчец. На патарина Миладиновци, беше запрено „BMW“ со скопски регистарски ознаки, управувано од две лица од Глумово“, изјави Иво Котевски , помошникот на министерот за односи со јавноста во МВР
Кај нив била пронајдена вреќа со 8 паковки марихуана.Четврто уапсениот ја договарал пратката. По вештачењето, дрогата е проценета на 27 илјади евра на наркопазарот. Полицијата и натаму продолжува со истрагата и со прибирањето докази и за пронаоѓање на организаторот на криминалната група. Сознанијата говорат дека водач на групата е Аслан Пода, познат како НУИШИ, кој се смета за близок со Братиславската врска.
Од почетокот на акцијата „Мрежа“ се приведени 60-тина дилери на наркотици, и се запленети над 460 килограми различни видови дроги.Акцијата се спроведува во континуитет низ целата држава.
Наташа Гркова-Петрушевска
