Во кумановските градинки деца над проектираниот број
Во Куманово во градинките повторно ќе се запишуваат деца над проектираните капацитети. Најголемата општина во земјава со години се соочува со недостаток на ваква установа. Локалната власт обвинува дека државата не отстапува простор за изградба на градинка. Централната пак се правда, општината не изготвила проект…

Во кумановските градинки ќе се примаат деца над предвидениот капацитет. По долгите дискусии, но и двомесечната неизвесност советниците сепак одговорија на барањето на установата да продолжи запишувањето на дечињата над дозволениот број. Во јули Советот не даде согласност, иако тоа се правеше и во минатото. Појаснувањето беше дека нема да има квалитетно згрижување. Од градинката „Ангел Шајче“ пак информираа дека исполнетоста на дневно ниво се движи од 40 до 70 проценти. За таа цел ќе се измени договорот, па децата кои неоправдано нема да посетуваат градинка повеќе од три месеци, ќе бидат отпишани.
Во кумановската градинка на листата за чекање се 530 деца, како и дополнителни 300 од училишна возраст.
Проектираниот капацитет на градинките изнесува 1550 дечиња, а запишани во моментов се над 1600. Куманово со години се соочува со недостаток на ваква установа. Од општината обвинуваат дека државата не отстапува простор за изградба на градинка. Централната власт пак вели општината нема изготвено проект.
„Во годишните програми пишувам ги посочувам и самите локации но за да се изгради, направи една градинка потребно е првин општината да изготви проектна документација за којашто при отворање на двете групи во објектот Синоличка министерката Шахпаска разговараше со градоначалникот и му кажа направете проектна документација а ние тоа ќе го финансираме“-истакна Марина Алексовска, директор на градинка „Ангел Шајче“ Куманово.
Градинката нема капацитет да одговори и на потребите на родителите на дечињата за целодневен престој, иако интересот е многу голем. Само во големата група во јуни имало запишани над 400 дечиња.
Елена Георгиевска
