Локални избори во окупираните украински области, борбите на фронтот продолжуваат
Руските власти одржуваат локални избори во окупираните украински делови за да ја зголемат контролата врз териториите коишто Москва лани ги анектираше. Киев и западните земји не го признаваат процесот. Романците во неизвесност од можно прелевање на конфликтот во нивната земја. Русија растури шверцерска група на резервни делови на авиони и хеликоптери. Кубанските власти, пак, открија мрежа за криумчарење на момчиња кои биле праќани да се борат на руската страна во замена за пари…

Во Русија се одржуваат локални избори. Распишани се и во четирите украински области кои Москва ги смета за своја територија. Гласањето во Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје ќе трае до недела. Американскиот државен секретар Блинкен ги оцени како лажни избори во нелегитимни окупирани области. Кремљ возврати – Вашингтон не треба да се меша во внатрешните работи на Русија.
„Ако зборуваме за претседателските избори, мислам дека не ни се потребни за време на воената операција зашто врховниот командант треба да ни донесе победа. Но, можеме да имаме избори за градоначалници.“
„Се надевам на подобро. Изборите се потребни секогаш, дури и во најтешките времиња.“
„Ништо нема да се смени по изборите.“
„Не верувам во електронското гласање. Немам очекувања од изборите.“
„Ова е во интерес на владата која сака поголема излезност зашто со повеќе луѓе се зголемува и легитимитетот на процедурата до степен да може да се наречат избори, а не референдум, на пример.“
На фронотот продолжуваат борбите со дронови. Киев се фали со успеси на истокот и југот. Откако неодамна беа пронајдени остатоци од беспилотни летала и во соседна Романија, меѓу жителите на оваа членка на НАТО се зголемува стравот од прелевање на конфликтот.
„Слушнавме неколку експлозии, бевме исплашени. Во два часот наутро се случија. Излегов да проверам што е, и животните беа вознемирени.“
„Досега живеевме мирно. Сè уште е така, дури и кога ќе се активираат сирените продолжувате со работа, заборавате. Но навечер не знаете каде паѓаат бомби.“
Во меѓувреме, руската федерална служба за безбедност растури шверцерска група која ја снабдувала Европа со резервни делови за борбени авиони и хеликоптери. Достава се вршела и за украинската војска.
Кубанските власти, пак, уапсија 17 лица од мрежа за криумчарење млади момчиња кои морале да се борат на руската страна во замена за пари. Сите вклучени во скандалот се соочуваат со затворска казна и до триесет години, доживотен затвор или смртна казна. Рускиот претседател Путин лани потпиша декрет со кој на странците коишто ќе се пријават да служат воен рок им се обезбедува руско државјанство по брза постапка. Куба тврди дека нема удел во војната и е против тоа нејзините граѓани да бидат користени како платеници. Но руските медиуми објавија дека веќе постојат такви договори. За својата операција во Украина, Москва одамна користи помош и од приватните воени сили, како паравојската „Вагнер“ која, пак, ангажира борци директно од руските затвори.
Маја С. Филдишев
