Надежите вторпат поразени од Португалија
Младата фудбалска репрезентација на Македонија загуби со 1-0 од селекцијата на Португалија за играчи до 21 година, во шестиот натпревар од квалификациите за пласман на Европското Првенство во 2015.

Младата фудбалска репрезентација на Македонија загуби со 1-0 од селекцијата на Португалија за играчи до 21 година, во шестиот натпревар од квалификациите за пласман на Европското Првенство во 2015.
Четвртиот пораз досега нашите надежи го претрпеа на Арената „Филип Втори“ во Скопје од лидерот на табелата во нивната квалификациска група. Избраниците на селекторот Бобан Бабунски беа рамноправни на теренот во првите 15-20 минути, по што нивните португалски врсници ја презедоа контролата и навестија решителност да го продолжат стопроцентниот биланс во циклусот досега.
На шест минути пред одморот, откако Мартин Блажевски направи пенал со стартот над Жоао Марио, голманот Столе Димитриевски го одбрани ударот од белата точка на Рикардо Езгајо, а одлично реагираше и при шутот на Рикардо Переира од одбиената топка.
Сепак, чуварот на мрежата на Гранада не можеше да спречи погодок во 64-та минута, кога неговиот клупски соиграч од шпанскиот тим Тјаго Илори погоди во целта и го постигна победничкиот гол. Попуста беше поангажираната игра на нашите фудбалери во второто полувреме. Тогаш останаа неискористени можностите на Ѓурѓевиќ и на Николов главно поради многу позрелата, поискусна и посигурна игра на младите Португалци, коишто во секој момент имаа контрола на резултатот и беа доволно присебни да не дозволат Македонија да дојде барем до бод. Освен тоа и тие не искористија неколку шанси со коишто можеа и поубедливо да се радуваат, за што последна пречка им беше голманот Димитриевски.
Во мечот на селекциите на играчи до 21 година, Македонија-Португалија 0-1.
