Ковачевски тврди дека нема пазар за амнестија, експертската јавност не го дели мислењето
Пазар за амнестија нема, измените на Кривичниот законик се усогласување со европската регулатива. Премиерот Ковачевски тврди дека со нив се модернизира законот. Експертската јавност не го дели мислењето на премиерот. Од платформата на граѓански организации за борба против корупцијата истакнуваат дека со измените се отвора врата кон застарување на многу случаи...

Пазар за амнестија нема, измените на Кривичниот законик се усогласување со европската регулатива. Премиерот Ковачевски тврди дека со нив се модернизира законот, се обезбедуваат поефикасни судски постапки, се конкретизираат кривичните дела и се конфискува нелегално стекнатиот имот.
Експертската јавност не го дели мислењето на премиерот. Од платформата на граѓански организации за борба против корупцијата истакнуваат дека со измените се отвора врата кон застарување на многу случаи како Титаник, Таргет – Тврдина, ТНТ, Трезор, Талир …
Измените на КЗ опфатија 38 члена, но она што предизвика реакција се интервенциите во членовите кои опфаќаат – злоупотреба на службената положба и овластување и злосторничко здружување бидејќи се намалија казните за двете кривични дела.
Собранието ги усвои измените на кривичниот законик по скратена постапка со европско знаменце. Добија потпис од претседателот Пендаровски, по што беа објавени и во службен весник.
На ова реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Велат – претседателот станал соучесник во амнестијата за крупни скандали.
Состојбата со корупцијата во земјава е мета на критики и од меѓународниот фактор кој во повеќе наврати предупреди дека состојбата е разочарувачка и мора да работи на реформите за владеење на правото и неселективната борба против криминалот.
Анита Димитријевска – Велковска
