Работнички преку Кожув до финале со МЗТ
Нема да има реприза на ланското финале, за титулата во домашното првенство годинава ќе се борат вечните ривали во македонската клупска кошарка.

По вечерашниот триумф од 79-66 во мајсторката со Кожув, Работнички обезбеди финална плеј-оф серија против бранителот на приматот, МЗТ Скопје Аеродром.
18-то финале во клупската историја нашиот најрофеен клуб го обезбеди со уверливата победа од 13 поени разлика во решавачкиот трет полуфинален меч, потврдувајќи ја доминантноста на домашен паркет во оваа серија. Клучна за епилогот беше серијата од 14-0 во средината на вториот период, со којашто Работнички ги исфрли гевгеличани од колосек и уште рано го обезбеди најважниот успех. До крајот Кожув не успеа да воспостави баланс ниту во играчка, уште помалку во резултатска смисла.
Душан Кнежевеше доминантен под обрачите и главен актер на теренот со ефект од 25 поени и 12 скокови. Марко Симоновски придодаде 12 коша, сите со удари за три поени и тоа во периодот кога неговиот тим ја градеше предноста. Дарко Соколов даде 10 поени, но имаше и шест асистенции. Кај Кожув, кој сезонава дома ниту еднаш не загуби од Работнички, но и ниту еднаш не го победи во салата „Градски Парк“, Миладин Пековиќ беше најефикасен со 19 коша.
Финалето меѓу МЗТ Скопје и Работнички почнува во вторник од 19.30 во Арената „Борис Трајковски“. Поради подобриот пласман по Супер Лигата, актуелниот првак ќе ја има предноста на домашен паркет во серијата којашто ќе се игра до три победи.
