Македонија прославува 32 години независност
Здравје и повеќе причини да се смееме-граѓаните кои беа на манифестацијата во Градскиот парк посакуваат да има мир и заедништво. Државниот и политичкиот врв согласен-потребен ни е нов колективен напор за да имаме функционални институции…

Македонија прославува 32 години независност. Во 1991-та година, на плоштадот Македонија во свечена атмосфера, низ огномети одекнуваа пораките-да живее независна, самостојна и суверена Република Македонија, откако македонскиот народ на референдумот одржан тој ден со огромно мнозинство ја потврди желбата за осамостојување.
Забавна програма, спортски активности и изведба на тактички вежби на македонската Армија и Полиција – вака мина централната прослава на македонската независност во Градскиот парк во Скопје. Граѓаните со кои поразговаравме, посакуваат мир и слога во Македонија, а на своите сограѓани здравје и повеќе причини за среќа.
Денот на независноста на Македонија го честитаа бројни странски државници и меѓународни организации. Граѓаните во ’91-ва гласаа за уредена и просперитетна Македонија, која сè уште ја немаме, порака на шефот на државата Стево Пендаровски.
Во честитката на премиерот Димитар Ковачевски, пак, се вели – генерациите од 1991-та година ги водеше гласот за слобода, државност и интеграција, што одекнува од Илинден 1903-та и АСНОМ 1944-та. И тие одговорија со граѓанска и политичка одговорност кон аманетот и перспективите, се вели во честитката на Ковачевски.
Во честитката на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак, се вели – овој празник е во исто време и празник на надеж и празник на борба за Македонија. Таа борба никогаш нема да престане. Овој народ е пиреј и ќе се избори против сите предизвици. Македонија ја заслужува таа борба и ќе победи против корумпираната елита на власт и нивните пиони, додава Мицкоски.
Меѓу честитките од НАТО алијансата и здружените сили на НАТО во Брунсум, проследена со фотографии и видеа од македонските војници во заедничките операции.
По повод Денот на независноста, државно-воениот врв на Македонија положи цвеќе на гробовите на покојните македонски претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, во Алејата на великаните.
Да си ја честитаме 32-годишнината од независноста на Македонија и да си посакаме успеси на сите полиња – културни, спортски, дипломатски, научни, економски. Нека ни е честита независноста!
Марија Котовска
