Сторија

Измешани чувства будат сведоштвата на луѓето родени на 8-ми септември

08.09.2023 15:41

„На роденденот на државата го славев и мојот роденден, на работа. Цел живот жалам што роденденскиот шампањ не го испив на плоштад туку во кафуле, затоа што тој ден стана историја“ – измешани чувства будат сведоштвата на луѓето родени на 8-ми септември. Нашиот соговорник, кој речиси половина живот живеел во друга држава, а од ’91-та наваму во независна, посакува Македонија да опстои …

„Ако нешто ми е криво, искрено зборувам, што не сум присуствувал на тој историски момент на плоштад. Како проаѓа време, станува сè поисториски и поисториски, што знаеме што ќе биде натаму!“

Сопствениот роденден, таа ’91-ва го поминал работно во Македонската телевизија. Пред да заврши денот сакал здравицата да ја направи на плоштад со сите граѓани, но колегите го предомислиле и заминал на приватна забава да ги почасти за свое здравје. Под дебела сенка, пред зграда, Мојсо Мојсовски низ сеќавање ни раскажа за денот кога од пред 32 години, неговиот роденден го дели со роденденот на татковината. Половина живот со едно уредување, половина со друго во својот животен век.

„Ние не бевме тогаш свесни низ што поминуваме, за што работиме и така натаму. Сега од оваа дистанца, сметам дека сме учествувале повеќе пати, не само еднаш во историјата. Од Бадентер кога рече дека ние сме единствена земја за прием во ЕУ, па не претркаа Словенци и Хрвати, сега ќе нè претркаат Украинци и Молдавци, така што не знам на каде одиме. Разликата е можеби во техничките можности!“- вели Мојсовски.

Свеќата ја дувнал со трите внучиња, но парче торта подели и со нас под ладовина. Свесен за своите години, иако вели дека бројката не е важна, Мојсо сè уште има желби и за себе и за државата.

„Завршена е мојата утакмица, е сега два пати по 15, па пенали, па еден пенал, па друг, колку ќе ми даде Господ велеше мајка ми. Што ќе даде Господ тоа! Не можам да не бидам оптимист! Што се почнало мора да се заврши, меѓутоа мора да се опстои на тоа покрај разни удари од лево, од десно, од ваму, од таму!“- додава Мојсовски.

Торта закажавме и догодина на истото место, пред да замине Мојсо да го ужива и остатокот од денот со семејството.

Катерина Топалова