Семејствата бараат ново обвинение

Протестен марш во Тетово за двегодишнината од пожарот во модуларната болница

08.09.2023 17:44

Во Тетово протестен марш на двегодишната од пожарот во модуларната болница. Државата слави, а ние тагуваме за нашите роднини кои живи изгореа, велат роднините на загинатите. Побараа за трагедијата да се оформи нов обвинителен предмет.

Изгорени маички закачени на локацијата каде пред две години пожар ја проголта модуларната болница во која изгореа 14 луѓе, потсетија на трагедијата која ја потресе државата.

Оттаму семејствата на загинатите го започнаа протестниот марш до градскиот плоштад, каде на жртвите им оддадоа почит со едноминутно молчење. Потоа мирно се упатија кон тетовскиот суд.

Мумин Исмаили, чија мајка загина во пожарот вели дека правдата заедно со останатите роднини ќе ја бараат до крај, а таа ќе биде задоволена, кога на обвинителна клупа ќе седнат вистинските злосторници и истите ќе се казнат.

Дека нема правда, покажува самото тоа што во целата истрага не беше земена предвид германската експертиза, велат невладините организации, кои го поддржуаат протестот.

Од семејствата на загинатите, истакнаа дека сè додека правдата не излезе на виделина, ќе продолжат со уште помасовни протести.

Зоран Димовски