Македонија

Успешни жени во нетипични професии уриваат бариери

09.09.2023 09:49

Успешните жени во нетипични професии денес смело ги уриваат стереотипите и бариерите, докажуваат дека не постои машка и женска работа. Во земјава работи единствената жена професионален фотограф на домородните племиња во изумирање, но и дипломиран оџачар-инструктор за оџачарска професија …

Билјана Јуруковски Миленковска е единствената жена фотограф, која тргнала во уметничка одисеја низ целиот свет. Таа ги фотографира последните домородни луѓе во Африка. Само неколкумина во земјава се занимаваат со оваа нетипична професија патуваат во ризични експедиции за да ги документираат домородните племиња во изумирање. Таа ги проучува домородците од антрополошки аспект, нивните традиции, култура и верувања.

Нејзините ремек дела се изложени во галериите ширум светот, а целта вели е да остави белег во човештвото.

„Ова не е онаа Африка каде одите на сафари или туристичка дестинација, ова се предели каде што ретко човек стапнува. Последната дестинација беше Конго во тие делови каде што бевме кралството на Ванкуба луѓето 60 години немаше бел човек влезено. Различни видови ризици имате од болести, нема патишта, работиме со вооружени луѓе помеѓу племенски војни“, вели Билјана Јуруковски Миленковска фотограф.

Жените денес смело ги уриваат стереотипите и бариерите во професиите каде доминираат мажи. Јасмина Атанасова Симјаноска е првата жена дипломиран оџачар во земјава, која е ментор за изучување на оџачарската професија.

„Јас ги обучувам мажите како треба и што треба да прави еден современ оџачар којшто би требало да ги знае принципите на модерното и современо оџачарство. Тоа што не се правело досега во Македонија. Работам на едукација на оџачарите секој сертифициран оџачар во Македонија добил сертификат од мене“, вели Јасмина Атанасова Симјановска дипломиран оџачар.

Жените со нетипични професии, со своите инспиративни приказни се доказ дека не постојат машки и женски професии.

 

Соња Рилковска