Куманово

Лоша година за органското производство

09.09.2023 09:18

Климатските промени предизвикаа проблеми и кај производителите на органска храна. Реагираат на временските услови, но бараат и промена на стратегијата. Субвенции има, но не ги даваат посакуваните резултати. Велат не постои можност за формирање задруги, парцелите се мали а културите различни …

Лоша година, намален род. Ваква е состојбата со органското производство, кое најмногу е развиено во градинарството и овоштарството.

Климатските промени, зачестените поројни дождови, задоцнетите активности на парцелите и вегетацијата, предизвикаа сериозни проблеми, информираат од Комората на органски производители. Велат интерес за вакви производи расте. Стандардите и квалитетот ги задоволуваат и светските пазари. Потенцијали површини за обработка имаме, но засега немаме капацитет да одговориме на сериозно производство и извоз.

„Проблемот е што ние не можеме да се обединиме не можеме да направиме задруги, не функционираат нашите производители имаат мали парцели и различни култури. Не сме сериозни за извоз но интерес за сè што се произведе има можност да се извезе, како и тука да се продава“, вели Драган Цветковиќ, претседател на Комора на органски производители.

Органските производители бараат промена на стратегијата. Сегашната поддршка, мерките и субвенции, не ги даваат посакуваните резултати. Мерката продажба од куќен праг велат само предизвика револт кај регистрираните земјоделци. ИПАРД програмата пак придонесе за модернизација, но најмногу кај големите компании.

„Ние компаниите мали и микропретпријатија кои сме и најбројни и најмногу вработени и го движи стопанството. Ипардот не велиме дека не може малите и микропретпријатија, но искуството а и самата состојба е наменета за големите компании“, дополнува Цветковиќ.

Се бара и измена на Законот за производство на органско ѓубриво. Надлежните одлучиле последниве две години државата да не учествува на светски познатиот саем кој се одржува во Нимберг. Сè уште не се одржа ниту саемот Отворен Балкан, кој беше најавуван. Според регистарот на органски производители во земјава се регистрирани над 700 производители.

 

Елена Георгиевска