Охриѓанецот Коста Абраш никогаш не го заборавил родниот крај
Во богатата ризница на охридскиот архив неодамна беше откриено писмо од познатиот охридски поет Коста Абраш кој творел во Србија. Не е познато зошто досега писмото не е пошироко промовирано, бидејќи скоро две децении се наоѓало во фондовите на архивот. Во него може да се прочита дека еден од најталентираните поети од деветнаесеттиот век никогаш не го заборавил родниот крај, своите блиски роднини и мајчиниот јазик …

Охриѓанецот Коста Абраш е еден од многуте Македонци од крајот на 19 век распрснати низ регионот кој творел на друг јазик, притоа истакнувајќи го својот раскошен поетски талент. Покрај тоа што се вбројува меѓу раносоцијалистичките поети тој е препознатлив и по неговите емоции и носталгија. Тие чувства се изразени и во писмото упатено до неговите роднини во Охрид што ја покажува неговата желба за близок контакт со нив и родната грутка пишувајќи на својот мајчин јазик.
„Писмото е пишувано на народен јазик. Викам народен, бидејќи навистина постојат елементи во коишто зборовите се мешаат, има одредени зборови и на српски јазик. Меѓутоа грото на самото писмо е на народен македонски јазик“, изјави Никола Митровиќ, раководител на Историски архив Охрид.
Неодамна пронајденото писмо во охридскиот историски архив во фондот на роднината на поетот Емилија Срмобожова пред околу 2 децении е обработено од Димитар Смилески, меѓутоа не е познато зошто не е промовирано пред пошироката македонска јавност.
„Писмото е пишувано во А-4 формат, преполовен формат и е со своевиден ракопис, пишано со молив, меѓутоа самото писмо зрачи со една енергија, зрачи со една носталгија која Коста Абраш ја имал кон својот роден град Охрид и особено кон своите роднини“, вели Митровиќ.
Охриѓани Коста Абраш го доживуваат како родољубец и иако имаше одредени сознанија дека е така, ова писмо уште еднаш ја покажува неговата носталгија кон родниот крај.
Сашо Нелоски
