Мароко

Во Мароко катастрофален земјотрес, над 800 загинати

09.09.2023 12:48

Расте бројот на жртви во разорниот земјотрес во Мароко. Над 800 загинати според последните информации. Стотици лица се затрупани под урнатините. Јачината од 7,2 степени според Рихтер урна многу домови. Критично во планините на високиот атлас каде е тешко достапно екипи да спасат дел од населението а има и многу смртни случаи. Светските лидери изразуваат сочувство, апел и најави за хуманитарна помош од сите страни на светот...

Стотици загинати и повредени во земјотрес од 6,8 степени во Мароко.

Најмногу штета и смртни случаи има во тешко достапните планински области.

„Имаше земјотрес кој достигна јачина од 7 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил во Игил во провинцијата Ал Хауз. Првичниот биланс на загинати е над 600. Пријавено е дека 153 лица имаат повреди со различна тежина и се пренесени во болниците за да им биде укажана лекарска помош. Што се однесува до материјалната штета, таа вклучува група ненаселени области“, изјави Рашид ал-Калф, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Мароко.

„Посетував луѓе во истата зграда на третиот кат, наеднаш видовме работи како паѓаат одозгора, садови и други работи прицврстени на ѕидот. Избегавме надвор од домот. Исто како и сите други луѓе. Навистина земјотресот беше многу силен“.

„Се во куќата се тресеше, не знаевме што се случи, мајка ми мѝ рече дека е земјотрес. Излеговме од куќата многу брзо“.

Потресот бил на длабочина од 18 километри, со епицентар на 72 километри југозападно од Маракеш. 20 минути подоцна имало и втор последователен потрес со јачина од 4,9 степени по Рихтер.

„Бев во мојата куќа, видов луѓе кои излегуваат надвор, слушнав многу врева, мислев дека е дожд, но тоа беше звукот на земјотресот“.

„Заспав, почувствував движење во креветот, не верував, но вториот пат таму бев сигурен дека е земјотрес, се повтори три пати, сепак фала му на Бога“.

Се очекува бројот на загинати да расте. Некои домови во околните градови делумно или целосно се урнати, а некои места се исклучени од патиштата и имаат прекини во електричната енергија.

Во 1960 година, земјотрес со јачина од 5,8 степени по Рихтер го погоди мароканскиот град Агадир при што загинаа илјадници луѓе. Земјотресот во Агадир поттикна промени во правилата за градба во Мароко, но многу згради, особено руралните домови, не се изградени за да издржат такви потреси.

 

Марина Ристова