Њу Делхи

Состанокот на Г20 помина во знакот на поддршка на Украина

09.09.2023 13:07

Состанокот на Г20 во Њу Делхи помина во знакот на поддршка на Украина, заштита од економската експанзија на Кина, спречување на климатските промени и прием на Африканската унија за нова постојана членка. Лидерите на најбогатите држави побараа заеми за државите во развој, регулирање на меѓународниот долг и безбедноста на храната и енергијата...

Состанокот на најмоќните економии во светот, Г20 во Њу Делхи без лидерите на Кина и Русија. Можноста ја искористи американскиот претседател Бајден да притисне за помош на Украина и за инвестицискиот план во странство што и парира на кинеската експанзија. Декларацијата од состанокот не е потпишан од Русија. Москва смета дека со ова економскиот блок се позиционира на страната на западот во војната против Украина. Лидерите на најбогатите држави побараа да се спречат новоотворените конфликти да прераснат во нови кризи.

„Светот страда од „криза на доверба“. Постои огромна криза на доверба во светот. Војната го продлабочи овој дефицит на доверба. Меѓутоа, штом успеавме да го надминеме Ковид, тогаш ќе можеме да се справиме и со оваа криза на меѓусебна доверба“, изјави Нарендра Моди, премиер на Индија.

Поканета и Африканската унија да стане постојана членка на Г20. Во неа членуваат 55 држави, втор регионален блок по ЕУ што може значително да придонесе за решавање на глобалните предизвици. Донесени се заклучоци и за спречување на климатските промени, од кои секојдневно има катастрофални последици во светот.

„Климатските промени се дело на човекот, што значи дека ние можеме да се справиме со овој предизвик, за што ни е потребна технологија и ни требаат финансии. Само земјите од Г20 учествуваат со 80 отсто во емисиите на стакленички гасови. Од друга страна, на Африка отпаѓаат помалку од 4 проценти од емисиите на стакленички гасови, но таа е меѓу најпогодените од климатските промени. Останува обврската да се обезбедат 100 милијарди долари за оваа година за финансирање на проекти за справување со климатските промени“, изјави Урсула фонд Ер Лајен, претседател на Европската комисија.

Лидерите од Г20 побараа да се обезбедат заеми за земјите во развој, реформирање на архитектурата на меѓународниот долг, регулирање на криптовалутите и влијанието на геополитиката врз безбедноста на храната и енергијата.

 

Ирина Гелевска