Случај „Онкологија“

Истрагата во тек, реакциите за случајот “Онкологија“ не запираат

09.09.2023 13:11

Од Обвинителството велат дека интензивно се преземаат дејствија, се вршат распити на лица и се анализираат прибраните материјални докази...

Една недела по аферата на Клиниката за онкологија во јавноста нема детали за истрагата. Од Обвинителството велат дека интензивно се преземаат дејствија, се вршат распити на лица и се анализираат прибраните материјални докази. Бидејќи е предистражна постапка не споделуваат конкретни детали. Истражните органи ја имаат поддршката да го расчистат случајот од владата, министерот за здравство пак вели дека досега не добил поплака од пациенти кои се лекувале на Онкологија. Скандалот со оваа клиника ја разбранува јавноста пред една недела откако со судска наредба беа извршени претреси на Онкологија и во два приватни станови.

Јавното обвинителство и МВР почнаа истрага со цел да провери дали се крадела и препродавала терапија и како биле лекувани пациентите. Двајца обвинители работат на овој случај кој е пред истражна постапка, а пред два дена и онколошки пациенти беа на средба во Обвинителството.