Случај „Онкологија“

Обвинителството собира докази, јавноста бара итен одговор за случајот „Онкологија“

09.09.2023 16:20

Обвинителството собира докази, јавноста чека одговор за случајот со препродажба на лекови од Онкологија. Нема детали од предистражна постапка, ниту кој се е повикан на разговор. Не се исклучуваат нови протести...

Обвинителството сè уште собира докази, јавноста бара итен одговор кој манипулирал со терапијата на болните од канцер, имало ли кражба и препродажба на цитостатици, колку години траел овој криминал. Не се споделуваат конкретни детали, случајот е во предистражна постапка. Не се знае кој се е повикан на разговор, ниту што точно се истражува. Виновниците ќе се најдат и ќе одговараат – велат од Здравство. Ги убедуваат пациентите да не се сомневаат во квалитетот на терапијата што ја примаат, тврдат дека е соодветна и нема злоупотреби. За побрзо расчистување на скандалот, повика и Владата. Најави дека ќе бара континуирани информации за постапката од истражните органи. На случајот работат двајца обвинители.

Граѓаните сè уште во шок, излегуваат на протести, велат ова предизвика сомнеж во здравствениот систем. За злоупотребите со лекови на Онкологија во јавноста се зборува со години. Но пандорината кутија ја отвори Обвинителството по претресите на Клиниката извршени минатата недела а по нив и во два приватни станови во коишто одземени беа компјутери и друга документација. Според истражните органи предмет на анализа и вештачење.

Многу потресни сведоштва и судбини се слушнаа изминативе денови по скандалот со кражбата на лекови на Клиниката за онкологија. Случајот ја шокираше јавноста, пациентите и нивните семејства ја бараат правдата, одговорност од сите инволвирани во случајот.

 

Андријана Ѓурческа