Реакции за измените во Кривичниот законик
„Корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија“ – став на Стејт департментот за „Гласот на Америка“ на македонски по измените на Кривичниот законик. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжија да се обвинуваат...

Откако Собранието во куси рокови ги изгласа измените на Кривичниот законик, се огласи и американскиот Стејт департмент. Оттаму велат дека корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на земјава и побараа Македонија да ги исполни ветувањата за борба против корупцијата.
Од Стејт департментот за „Гласот на Америка“ велат дека лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата.
Од владејачката партија измените ги правдаат како усогласување со европската регулатива кое ќе донесе поефикасни судски постапки.
ВМРО-ДПМНЕ критикува. За нив измените се спас на власта за криминалот во сопствените редови.
Најголема реакција во јавноста предизвикаа интервенциите во членовите кои опфаќаат – злоупотреба на службената положба и овластување и злосторничко здружување со кои се намалија казните за овие кривични дела. Познавачите предупредија дека измените ќе доведат до застарување на најмалку 14 предмети за високопрофилирана корупција, а за повеќе од 80 лица ќе настапи апсолутна застареност на кривичниот прогон.
Анита Димитријевска – Велковска
