Североистокот остана без грнчарска работилница
Североистокот остана без грнчарска работилница. Единствената и најстарата, над 120 години, изгоре во пожар. Во државата се регистрирани само петмина занаетчии грнчари. Занаетчиската комора постојано укажува дека е неопходно да се најде решение и да се поддржат старите занаети, бидејќи наскоро можеме да останеме без овие амбасадори на културата и традиција …

Изгоре најстарата грнчарска работилница во североистокот, стара над 120 години. Пожар целосно ја пеплоса зградата на 54-годишниот Стојан Трајковиќ од кумановско Табановце, еден од петте регистрирани занаетчии-грнчари во државата. Уништена е целосната опрема, како и над 3.000 готови производи. Материјалната штета е над 40 илјади евра, а имотот не бил осигуран.
„Сега за празникот 8-ми септември за претседателот Пендаровски имавме садови кои изгореа, за нашиот пазар, се е уништено, бои, материјали, дрва подготвени за зима 40 кубици се е уништено“, вели Стојан Трајковиќ, грнчар од Куманово.
Стојан вели дека тешко може да се врати работилницата која била направена по европски стандарди. Ќе биде неопходна поддршка од државата. Доколку тој одлучи да ја затвори, ќе згасне грнчарството во североистокот. Интересот е и така е многу слаб. Во моментов занаетот го пренесувал на само еден кумановец.
„Единствени сме занаетот изумира, да го зачуваме ова е културно наследство на градот, државата, очекуваме да помогнат институциите локалната самоуправа, државата“, додава Стојан.
Тој се надева дека од идната пролет ќе започне повторно со производство.
Работилницата на Стојан е стара повеќе од 120 години. Тој е четврта генерација кои традицијата ја пренесуваат од колено на колено.
Од Занаетчиската комора постојано укажуваат дека е неопходна поддршка на старите занаети кои се во изумирање.
Елена Георгиевска
