евроинтеграции

Маричиќ: Ќе се разговара со сите пратеници за уставните измени

10.09.2023 12:48

Ќе се разговара со секој пратеник, во октомври ќе се знае кој е за брзо членство во ЕУ, кој смета дека има време за чекање-во интервју за вториот програмски сервис на МРТ изјави вицепремиерот Маричиќ. Вели дека власта ќе направи се до крајниот рок да бидат донесени уставните измени. Од ВМРО- ДПМНЕ го повторија ставот дека нема да гласаат. Европската унија се подготвува за потенцијален бран на проширување-потврди француската министерка за Европа, Лорен Бун...

Во октомври ќе се знае кој е за брзо членство во ЕУ, а кој за вадење на државата од европскиот колосек, вели вицепремиерот за европски прашања Маричиќ во интервју за вториот програмски сервис на МРТ. Вели ако сакаме да продолжиме во пакет со државите кои преговараат, за да имаме шанса за влез во ЕУ до 2030 година, уставните измени се приоритет. Според него се прави сè да бидат донесени до крајниот рок, ќе се разговара со секој пратеник поединечно.

„Ќе се интензивира комуникацијата со секој пратеник во наредниот период. Ние очекуваме до месец септември-октомври јасно да се издвојат двата политички блока, едниот којшто е за членство во ЕУ што побрзо и другиот којшто е против членство во Европската унија и којшто смета дека имаме време за чекање. Чекањето е стратегија што ќе ја испразни нашата земја од млади луѓе и којашто ќе ја убие надежта за ЕУ“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека нема да гласаат за уставни промени.

Европската унија се подготвува за ново проширување со земјите од Западниот Балкан и за тоа треба да се испрати јасна порака за да им се помогне на кандидатките коишто се соочуваат со руска кампања за поткопување на ЕУ, став на француската министерка за Европа, Лорен Бун за „Политико“.

„Европската унија се подготвува за потенцијален бран на проширување што би можел да донесе до дури осум нови членки, вклучително и Украина и шест балкански земји, во нејзините редови во наредните години. Европската унија треба да им помогне на земјите да се спротивстават на Владимир Путин со испраќање јасна порака за нивните изгледи за приклучување кон ЕУ“, изјави француската министерка за Европа, Бун.

Идната недела претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во својот годишен говор за состојбата на Европската унија, се очекува да го објасни темпото и начинот на планираното проширување на Унијата.

 

Ирина Гелевска