Над 2.000 загинати во земјотресот во Мароко, се трага по преживеани
Над 2.000 загинати во разорниот земјотрес во Мароко. Илјадници со тешки повреди. Продолжуваат обидите за спасување на луѓето затрупани под урнатините. Според последните информации со сериозни повреди се борат илјадници лица. Тридневна жалост во земјата. Апел за хуманитарна помош...

„Ѕидот пукна под столбот и сè падна на земја. Избегав заедно со моите деца. Кога слушнав дека мојата сосетка е заробена под урнатините на нејзината куќа, побрзавме да ја спасиме“.
Повеќе од 2.000 луѓе загинаа во силниот земјотрес што го погоди Мароко. Илјадници се извлечени со тешки повреди, се трага по преживеани под урнатините по земјотресот со јачина од 6,8 степени, најсилниот што ја погодил северноафриканската земја. Луѓето спијат на улица, планинските области се отсечени и се без електрична енергија и мобилни телефони.
„Спиев кога се случи земјотресот. Не можев да избегам бидејќи покривот падна врз мене. Бев заробен. Ме спасија соседите кои со голи раце ги расчистуваа урнатините. Сега живеам со нив во нивната куќа бидејќи мојата беше целосно уништена“, вели еден од преживеаните.
Спасувачките работници на терен, надеж да се спасат луѓе под урнатите домови. Војниците и хуманитарните работници носат вода и залихи храна во планинските села.
Катастрофални штети во античките градови кои не се изградени да издржат таков потрес.
„Жал ми е за малото дете што го видов. Плачеше бидејќи и неговата тетка и нејзината ќерка беа заробени под урнатините. Мораме да бидеме силни за да им помогнеме на овие луѓе. Мораме да си помагаме“, изјави Мустафа Лаксам, претседател на Фондацијата „Лаксам“.
„Ова е прв пат да доживеам земјотрес, а за секој кој не доживеал тоа е многу застрашувачко. Луѓето немаат вода. Ова е природна катастрофа, но мислам дека сите во европската заедница и ширум светот мора да помогнат“.
Во близина на епицентарот на земјотресот, срушени згради и куќи. Луѓето спијат надвор.
„Три од моите внуци и нивната мајка загинаа, сè уште се под урнатините. Пред само малку игравме сите заедно“.
Кинески медицински тим изврши повеќе операции со царски рез во медицински центар во централно Мароко.
„Потресот беше многу силен. Куќите силно се тресеа. За среќа, немаше жртви меѓу нашиот медицински тим. Нашиот медицински персонал презеде ризик од последователни потреси за да ја заврши работата во операциона сала“, изјави лекар од кинескиот медицински тим во Мароко.
Мароканскиот крал Мухамед Шести им нареди на вооружените сили да мобилизираат специјализирани тимови за пребарување и спасување и хируршка болница на терен. Во земјата тридневна жалост. Апел за хуманитарна помош.
Марина Ристова
