Четири лица загинаа, десетици повредени во сообраќајна несреќа во Грција
Четири лица загинаа, над 40 се повредени, дел со тешки скршеници. Тешка сообраќајна несреќа во областа Поликастро во близина на грчко-македонската граница. Се судрија автобус во кој се превезувале 80 српски туристи и автомобил со грчки регистарски таблици кој според првичните информации влегол на спротивната лента и сите патници во него се мртви. Истрагата е во тек...

Четворица загинати и четириесет повредени е мрачниот биланс од тешката сообраќајна несреќа во близина на преминот Евзони на грчко македонската граница. Автомобилот со грчки регистарски таблици според првичните информации и изјавите на сведоци влегол во спротивната насока на коловозот и удрил во српскиот автобус кој превезувал 80-тина туристи. Автобусот се превртел во канал покрај патот. Во моментот на несреќата учествувало и друго возило но нема повредени во него. Според шефот на српската превозничка групација, наводно возачот на автомобилот заспал.
Интервенирале 12 возила на Брзата помош и шест пожарникарски возила.
Повредените се префрлени во болниците во Поликастро, Кукуш и Солун, а српската амбасада ќе испрати возила за враќање на српските државјани во матичната земја. Сообраќајот на местото е во застој, а возилата кои доаѓаат кон Македонија или одат кон Грција, се пренасочуваат по спореден пат.
Марија Котовска
