Политика

Партиите бараат одговори од Правда за измените на Кривичниот законик

10.09.2023 16:39

Министерот Кренар Лога да објасни зошто не се согласил со измените на Кривичниот законик – опозициската партија го повика првиот човек на Правда да даде одговор на прашањата кои произлегоа по усвоените измени. Од Правда велат – министерот не бил убеден дека измените на Кривичниот законик се вистинското решение и затоа не се потпишал како предлагач. Одговори бараат и од матичната партија на министерот...

Не стивнуваат реакциите за измените на Кривичниот законик. Експертската јавност, меѓународната заедница, политичките партии – бараат одговори, но и предупредуваат дека измените може да доведат до застарување на голем број предмети од високопрофилирана корупција.

Откако партијата на Павле Трајанов обзнани дека министерот за правда Кренар Лога бил против овие измени, МТВ се обрати до посочениот министер, но тој не одговори на нашите повици и пораки. Од ресорот Правда, ни потврдија дека Лога е на пат во Швајцарија и го повторија неговиот став – не бил убеден оти измените на Кривичниот законик се вистинското решение и затоа не се потпишал како предлагач на истите.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто министерот не излегол јавно да каже дека не се согласува со законските измени.

Лога ставот не го образложил ниту пред матичната партија. Во изјава за „Гласот на Америка“ претседателот на Алијанса за Албанците Таравари вели дека ќе побара објаснување од министерот – дали измените на Кривичниот законик, се направени „согласно барањата на Европската унија или пак зад нив стои нешто друго“.

Од партијата на власт СДСМ, кусо одговорија дека измените се усогласување со европската регулатива, а министерот сам треба да објасни зошто не се потпишал како предлагач.

Познавачите предупредија дека измените ќе доведат до застарување на најмалку 14 предмети повеќето отворени од поранешното СЈО, а за 80-тина лица ќе настапи апсолутна застареност на кривичниот прогон.

 

Анита Димитријевска – Велковска