Еден меч, вечна слава!
Ова е натпревар за којшто се сонува, се живее. Во него нема правила, не важи традицијата, нема непристојна тактика, ништо не е важно, само „пехарот со ушите“. Мотивите никогаш не недостигаат, многу често срцето на терен решава...

Реал – Атлетико е првото градско финале во историјата на Лигата и на Купот на шампионите, петто на екипи од иста земја, прво шпанско.
„Кралот “ е рекордер, но 12 години чекање за него е предолго, затоа притисокот за „Ла децима“ е проблем ист како и недоволно залечените повреди на Бензема и на Пепе и жолтите картони на Алонсо. Од Французинот зависи дали евентуално Реал ќе игра без вистинска „деветка“, а од Португалецот дали Варан ќе биде во стоперски тандем со Рамос. Која и да е формацијата, таа не влијае на напаѓачката определба на Реал којшто со 37 гола, 16 на Кристијано, е најефикасниот тим сезонава во Лигата на шампионите.
„Нема притисок, само радост во овој момент на уживање. Многу големи екипи само ќе го гледаат овој натпревар на телевизија, а ние сме пресреќни што ќе играме во него. Знам колку овој трофеј е важен за Реал и моја обврска е да направам се за да победиме“, изјави Анчелоти кој има можност по менаџерот на Ливерпул Пејсли, да биде првиот тренер со три елитни пехари, со тоа што Италијанецот има два и како играч.
Симеоне не го интересира индивидуалната статистика, но Аргентинецот со Атлетико досега беше шпански првак и ги освојуваше домашниот куп и УЕФА Европа лигата.
„Имаат една од најдобрите екипи во светот, ќе биде многу тешко да се игра против нив, но ние ќе се бориме како да ни е ова последен меч во животот. Имаат еден од најдобрите напади што постоел, па цел тим ќе мора да се брани до смрт“, сликовито го најави пристапот на својата екипа во овој дуел Симеоне.
„Црвено - белите“ се единствените непоразени сезонава благодарение на одбраната којашто на 12 меча прими само шест гола, но пред се на колективот кој е пред поединецот. Затоа „Чоло“ не е оптоварен дали ќе играт Коста и Туран кои ќе треба да го минат фитнес тестот на неколку часа пред финалето, второ за Атлетико и тоа точно по 40 години.
Во богатата меѓусебна традиција ова ќе биде 265-ти дуел, но не и прв на европска сцена. Дури три меча му беа потребни ка „кралскиот клуб“ да биде поуспешен во полуфиналео на Купот на шампионите во 1959-та година. По една домашна победа од по 2:1 за двете екипи и триумф на Реал од 1:0 во мајсторката.
И вкупниот биланс е на страната на Реал со 143 триумфи во однос на 64-те на Атлетико, додека нерешено завршиле 57 меча. Оваа сезона пак, во полуфиналето на Купот на Шпанија, Реал славеше двапати, но во „Примера“ Атлетико оствари една победа и реми.
„Луж“ во Лисабон може да „осветли“ само еден шампион. Кој, Реал или Атлетико? МРТ1 – 20 и 40 со специјална емисија околу 20 часот како вовед во големото финале на Лигата на шампионите.
