Киро Урдин на интернационалниот поетски фестивал во Букурешт
Ќе бидат одржани 50 настани од различни културни сегменти и формати на 14 познати културни простори во Букурешт.

Македонскиот еминентен мултимедијален уметник Киро Урдин од денеска до 17-ти септември ќе учествува на Интернационалниот поетски фестивал во Букурешт.
Годинава на фестивалот ќе учествуваат 158 поети од 26 земји од четири континенти. Ќе има учесници од: Северна Македонија, Австрија, Боливија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Хрватска, Куба, Данска, Естонија, Франција, Германија, Грција, Италија, Мароко, Црна Гора, Шпанија, Турција, Холандија, Уругвај, Романија, Перу, Полска, Португалија и Молдавија.
Ќе бидат одржани 50 настани од различни културни сегменти и формати на 14 познати културни простори во Букурешт.
Киро Урдин ќе се претстави задутре, со поетско читање на една од неговите најзначајни творби, поемата „Стаорци“. Истиот ден во градината на седиштето на Националниот музеј на романската литература ќе има проекции на три документарни филмови „Роман во стихови (кон поезијата на Киро Урдин)“, „Табула Раса“ и „Танцот Планетариум“.
Утре ќе биде отворањето на изложбите на слики од Урдин и изложбата со микс од неговите книги со афоризми. Последното негово претставување на овој фестивал ќе биде во аулата на Централната универзитетска библиотека во Букурешт, каде ќе бидат прикажани неговите наградени документарци, „Планетариум“, „Догона“ и „Живот и смрт“.
