Одбрана

Засилена воена соработка меѓу Северна Македонија и Португалија

11.09.2023 14:08

При првата официјална посета на министерката за одбрана на Португалија, потпишан е договор за билатерална соработка во полето на одбраната, што треба да придонесе за поголема безбедност на двете земји. Двете министерства за одбрана водени од министерки ќе работат и на целосна вклученост на жените во областа на безбедноста...

Отворен патот за поголема воена соработка меѓу сојузниците Северна Македонија и Португалија. При првата официјална посета на министерката за одбрана на Португалија, потпишан е договор за билатерална соработка во полето на одбраната, што треба да придонесе за поголема безбедност на двете земји.

„За заедничко добро и развој на двете вооружени сили ќе се посветиме на интензивна соработка и консултации во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукацијата. Ќе работиме и на заштитата на животната средина во контекст на армиските активности. Затоа што и двете земји се развиени општества кои посветуваат внимание на заштитата на животната средина“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Португалската министерка за одбрана истакна дека двете членки на НАТО обезбедуваат и ќе продолжат со поддршка на Украина.

„Нашите заеднички вредности во Алијансата исто така не водат да застанеме заедно во поддршка на Украина бранејќи го зачувувањето на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Ја споделив посветеноста на Португалија за поддршка на новиот пат на Африка кон постигнување мир и безбедност, имајќи ја предвид улогата на Португалија како мост што ја поврзува Африка со Европа“, изјави Марија Хелена Кареирас, министерка за одбрана на Португалија.

Двете министерства за одбрана водени од министерки ќе работат и на целосна вклученост на жените во областа на безбедноста. Северна Македонија и Португалија ќе соработуваат и во справувањето со хибридните кибернапади и климатските промени.

Ирина Гелевска