Грковска: Носителите на функции да обезбедат целосна транспарентност на институциите

11.09.2023 14:22

Целосната транспарентност е процес кој не може да се постигне преку ноќ и за кој, пред се, е неопходна промена на свеста во општеството, за што придонес мора да дадат сите чинители во општеството...

„Податоците и информациите што ги продуцираат институциите им припаѓаат на граѓаните, јавната администрација е сервис на граѓаните кој е неопходно да биде целосно транспарентен, а истовремено носителите на функциите и институциите да бидат свесни и одговорни за потребата од транспарентност и отчетност пред граѓаните“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

На овој документ работеше работна група која ја сочинуваат клучни чинители во општеството, претставници на граѓанскиот сектор, претставници на медиумите, како и претставници од надлежните институции.

Со Стратегијата што денеска ја презентираме, додаде таа, се дефинираат потребните процедури и стандарди за транспарентност и отчетност, кренати на ниво што ќе обезбеди соодветна одговорност на сите јавни службеници и функционери пред граѓаните.

Таа потенцираше дека целосната транспарентност е процес кој не може да се постигне преку ноќ и за кој, пред се, е неопходна промена на свеста во општеството, за што придонес мора да дадат сите чинители во општеството. Придонесот што ќе произлезе од денешната јавна расправа, нагласи вицепремиерката Грковска, за Работната група која работи на текстот на Стратегијата за транспарентност на Владата ќе биде значаен патоказ за дополнително подобрување на документот.