Прекршен Законот за финансирање партии
Антикорупциска го затвори предметот за финансирањето на ДУИ. Законот е прекршен. Физичко лице донирало повеќе отколку што е законски дозволено, а парите не се вратени најдоцна 15 дена од нивното донирање...

Демократската унија за интеграција го прекршила Законот за финансирање на политичките партии – во 2022 година партијата примила донации поголеми од законски предвидените, но вишокот пари го вратила во 2023-та, наместо во предвидениот рок од 15 дена. Антикорупционерите утврдија прекршок и го затворија предметот, ќе бараат Државниот завод за ревизија како надлежно тело да постапува и да утврди казна доколку е потребно.
„Ние констатиравме дека средствата за поголем износ, согласно членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии се вратени, но не се вратени согласно ставот 2 од истиот член, кој наведува дека тие средства треба да се вратат веднаш или најдоцна во рок од 15 дена“, изјави Шемши Салаи, член на ДКСК.
Освен физичко лице кое дарувало повеќе пари од дозволеното, партијата примила недозволени донации и од две правни лица.
„За жал, овој закон нема институција којашто е задолжена за инспектирање, односно за инспекциски надзор над политичките партии. Свесни сме колку се променија состојбите во однос на финансирањето на политичките партии, особено за време на изборите, така што нужни се промени“, изјави Катица Николовска, член на ДКСК.
Според законот, износите на донациите се регулирани и партиите не смеат да примаат повеќе од 60 просечни нето-плати од правни, и од 30 од физички лица.
Андријана Ѓурческа
